Откупот на ланската реколта тутун во прилепскиот регион заврши во предвидениот законски рок. Според информациите од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, не само во овој регион, туку на ниво на целата држава се преземени околу 30.000 тони тутун по просечна цена од над 150 денари за килограм. Како што вели претседателот на Сојузот, Данчо Милески, преземени се речиси сите произведени количества, со исклучок на околу 80-ина тони, претежно во Источна Македонија и многу мал дел од Прилепско, кои во текот на неделава ќе бидат откупени до последен лист. Откупните фирми имаа малку ’потврда‘ линија на откуп за ланската реколта, но, сепак, во согласност со квалитетот ако се имаат предвид мострите. За годинашната реколта нема да има никакви рестрикции во тутунопроизводството и покрај гласиштата дека откупните фирми не склучуваат договори. Не можеме во овој период да зборуваме за обемот на тутунопроизводството, но, факт е дека нема такви забрани условени од откупните фирми. Ако беше така, Сојузот е првата асоцијација која би ги знаела таквите тенденции на компаниите, вели Милески.
Откупот на ланската реколта тутун во прилепскиот регион заврши во предвидениот законски рок. Според информациите од Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, не само во овој регион, туку на ниво на целата држава се преземени околу 30.000 тони тутун по просечна цена од над 150 денари за килограм.
Како што вели претседателот на Сојузот, Данчо Милески, преземени се речиси сите произведени количества, со исклучок на околу 80-ина тони, претежно во Источна Македонија и многу мал дел од Прилепско, кои во текот на неделава ќе бидат откупени до последен лист.
„Откупните фирми имаа малку ’потврда‘ линија на откуп за ланската реколта, но, сепак, во согласност со квалитетот ако се имаат предвид мострите. За годинашната реколта нема да има никакви рестрикции во тутунопроизводството и покрај гласиштата дека откупните фирми не склучуваат договори. Не можеме во овој период да зборуваме за обемот на тутунопроизводството, но, факт е дека нема такви забрани условени од откупните фирми. Ако беше така, Сојузот е првата асоцијација која би ги знаела таквите тенденции на компаниите“, вели Милески.
Од прилепскиот Тутунски комбинат информираат дека нема да има намалување на количествата тутун кои би биле откупени од новата реколта.
„Нема да има никакви рестрикции, а просечната откупна цена постигната при откуп на ланската реколта е на ниво на државниот просек, малку под 153 денари“, истакнуваат надлежните од Комбинатот.
Оваа откупна фирма во последните неколку години презела од 2.500 до 3.000 тони од секоја реколта.
Според информациите од подрачната единица на ресорното Министерство, тутунарите досега зеле 11.500 евиденциски картони, а се прогнозира дека ќе подигнат уште 1.500. Или, ако се прават анализи, тутунопроизводството веќе неколку години се извршува на површини од 7.000 до 8.500 хектари.
„Откако е зголемена висината на премијата последниве години, тутун се произведува на поголеми површини, а реколтата е тешка од 12.000 до 13.000 тони. Интересот на прилепските тутунари е многу голем и за новата реколта“, велат добро упатените.
Тутунарите, пак, одбиваат да дадат изјави јавно. Но, постојано се жалат дека некои откупни фирми кои го преземаа родот во овој прилепски регион засега одбиваат да склучуваат договори.
„На крајот на откупот, обично се прават договорите за следната реколта. Но, откупните фирми одбиваат да контактираат со тутунарите. Имаше фирми кои целосно ја прекинаа комуникацијата. Ние сме исплашени да говориме јавно за да немаме други последици, оти тутунопроизводството нам ни е единствена егзистенција“, реагираат тутунари од повеќе прилепски села.